Skip to content Skip to sidebar Skip to footer

Машко здравје

Поимот машко здравје се однесува на машкиот репродуктивен систем и тестостеронот (важен машки полов хормон).

Што опфаќа поимот машко здравје?

Машко здравје ги опфаќа оние аспекти на здравјето кои се најрелевантни за машкиот пол, вклучувајќи ги: тестостеронот, простатата, тестисите, сперматогенезата и квалитетот на спермата. Главните здравствени состојби опфатени со поимот машко здравје се низок тестостерон (т.е. хипогонадизам), машка сексуална дисфункција, машка неплодност, бенигна хиперплазија на простатата и рак на простата.

Зошто е важно машкото здравје?

Нискиот тестостерон е поврзан со бројни негативни здравствени ефекти како што се намалена енергија, депресивно расположение, потешкотии при концентрирање и намален сексуален нагон, а бенигната хиперплазија на простатата и ракот на простата често предизвикуваат симптоми на долниот уринарен тракт. Дополнително, ракот на простата е втор најчест рак кај мажите во светски рамки и е меѓу првите пет причини за смртност од рак кај мажите. Затоа, одржувањето на адекватни нивоа на тестостерон и управувањето со споменатите здравствени состојби кај мажите се важни и за квалитетот на животот и за должината на животниот век.

Дали машкото здравје може да се промени со тек на времето?

Преваленцата на здравствени состојби кај мажите се зголемува со напредувањето на возраста. Околу 40% од мажите се засегнати од еректилна дисфункција на 40-годишна возраст, што се зголемува на приближно 70% до 70-тата година. Околу 50% од мажите постари од 50 години покажуваат знаци за бенигна хиперплазија на простатата, која се зголемува на повеќе од 80% кај мажите над 70 години. Околу 99% од сите карциноми на простата се јавуваат кај мажи постари од 50 години, а нивото на тестостерон се намалува за дури 0,4-2% годишно по 40-тата година.

Како исхраната може да влијае врз здравјето на мажите?

Дебелината и кардиометаболните заболувања (на пример, дијабетес тип-2 ) постојано се поврзуваат со зголемен ризик за здравствени состојби кај мажите, така што начинот на исхрана која го олеснува одржувањето на здрава телесна тежина е од најголема важност.

Дали протеинот од соја е лош за мажите?

Фитоестрогените се растителни соединенија структурно слични на естрадиолот, главниот естроген кај мажите и жените во пременопауза. Бидејќи сојата содржи изофлавони, еден вид фитоестроген, постои оправдана загриженост за можните ефекти на сојата врз здравјето на мажите.

За сега, само мал број студии имаат документирани несакани ефекти како што се гинекомастија, хипогонадизам, намалено либидо и еректилна дисфункција предизвикани од околу 360 mg соја изофлавони дневно во период од 6-12 месеци. Сепак, мета-анализата на 15 рандомизирани контролирани испитувања (RCT, многу повисоко ниво на доказ) покажа дека нивоата на вкупниот и слободниот тестостерон кај мажите не биле значително засегнати ниту од 60-240 mg изофлавони или 10-70 грама соја протеин дневно.

Според ова, неколку лажици соја протеин во прав веројатно нема да имаат естрогенски ефекти кај мажите. Меѓутоа, ако сакате да земате повеќе, побарајте концентрат или изолат од соја протеин произведен преку методот на миење со алкохол, што драматично ја намалува содржината на изофлавони.

Имајте на ум дека содржината на изофлавон во различни производи од соја може да варира во зависност од неколку фактори како што се разновидноста на употребените зрна соја, разликите во условите за одгледување и складирање и различни техники за преработка на храна. Можете да видите како тоа варира подолу.

Содржината на изофлавони во обичната храна од соја

Кои суплементи се најинтересни за здравјето на мажите?

Додатоците на исхрана за машко здравје генерално се препорачуваат за да го зголемат нивото на тестостерон, да го зајакнат сексуалниот нагон и да ја подобрат еректилната функција. Следниве се некои од најпопуларните опции, иако истражувањето за поддршка на нивната ефикасност е прилично ограничено:

  • Назабена Палма (Saw Palmetto, или Serenoa repens)
  • Бабин Заб (Ѓаволски Трн, Трибулус, или Tribulus terrestris)
  • Грчко Семе (Пискавец, Тилчец, или Trigonella foenum-graecum)
  • Перуанска Мака (Lepidium peruvianum или Lepidium meyeni)
  • Јохимбин
  • Tongkat Ali (Eurycoma longifolia)
  • Епимедиум (Horny Goat Weed, или Epimedium)