Прекумерното, дифузно опаѓање на коса или т.н. телоген ефлувиум е вообичаена, но стресна појава, од која вообичаено страдаат жени. Состојбата стручно е позната како т.н. телоген ефлувиум. Предизвиците во дијагнозата се неколку, имено: колку прекумерно треба да е опаѓањето за да се класицифира како ТЕ; да се направи јасно разграничулвање од андрогена алопеција, односно опаѓање коса кај мажи и конечно, како да се третира. Како и да е, состојбата не е безопасна и воопшто не треба да се занемарува, затоа што може да има длабоко влијание врз пациентите, а третманот бара разбирање, посветеност и време.
Прекумерното опаѓање на косата, без создавање зони на гол скалп е честа и вознемирувачка појава од која вообичаено страдаат жени. Вообичаената поплака е: “Секогаш имав густа и бујна коса, а сега ми опаѓа како во клопчиња”.
Историјат
Sulzberger е првиот кој го земал во предвид до тогаш необјаснетите и зачестени случаи на жени кои се жалат на косопаст. Тој исто така за прв пат го опишал и главниот придружен симптом, триходинија, односно “болка во косата”.
Главниот знак е зголемено опаѓање на влакна во телогена фаза од растот кое се појавува 3-4 месеци по некаков настан, кој се смета како причина. Алопеција како компликација се појавува само ако опаднат повеќе од 40% од влакната.
Што се однесува до настанот причинител, најчести се: треска или хронична системса болест, породување, хируршки зафат и емоционален стрес.
Колку прекумерно треба да е опаѓањето за да се класицифира како ТЕ?
Пациентите ретко закажуваат преглед кај дерматолог за косопаст. Вообичаено, тие се жалат за проретчување на косата, но всушност не ни знаат дека косата им опаѓа. Исто така, не е исклучено дека и мажи страдаат од ТЕ, но тие обично ја потстрижуваат косата толку кратко што не може да се забележи опаѓањето, или едноставно не обраќаат премногу внимание на тоа помирени со фактот дека ќе бидат ќелави.
Еден од начините да се испита опаѓањето на косата во домашни услови е т.н. модифициран тест за миење. На кратко, по 5 дена немиење со шампон, пациентот ја мие косата во лавабо чие дно е покриено со филтер хартија, како би можел да ги изброи влакната кои паднале за време на шампонирање и плакнење и занемарувајќи ги оние кои ќе паднат подоцна за време на фенирањето.
TE може да се земе во предвид кога опаѓањето на косата надминува 100 влакна на секои 5 дена. Ова може да варира од просечни 300 влакна до дури 1000 влакна, при што природното опаѓање на косата е од 10 до 100 влакна. Паднатите влакна помали од 3 центиметри се маркер за тежината на заболувањето, при што сѐ до 10% е прифатливо.
ТЕ поради лекови
Многу лекови може да бидат одговорни за опаѓање на косата, но само лековите со анти-митотска активност се одговорни за анаген и/или телоген ефлувиум. Поради нивниот токсичен ефект на матриксот од влакното, повеќе од 90% хемотераписки лекови (цитостатици) предизвикуваат опаѓање на косата. Хепарин и хепариноидите исто така може да бидат одговори за опаѓање на косата кај околу 50% од пациентите.
TE поради нутритивен или микронутритивен дефицит
Нутритивните дефицити може да предизвикаат опаѓање на косата, особено почетокот на хронична анорексија. Дополнувањето на исхраната со витамин Ц и Д3 може да го ублажи опаѓањето на косата. Строги диети и намалено внесување железо исто така се смета за ризик фактор при опаѓање на косата.
ТЕ после породување
Се појавува 2-4 месеци по породувањето, вообичаено трае 2 месеци и ретко преминува во хронично. Се појавува кај само околу 20% од жените, дури не и по сите породувања на истата жена, но речиси секогаш после првото породување.
Автоимун ТЕ
Ова е вообичаениот пациент жена која “имала бујна и густа коса” но во последно време забележала дека “од ненадеж” почнала “да опаѓа во клопчиња”. Пациентката точно кажува кога започнало опаѓањето. Исто така, таа често се жали на “болка во косата” (триходинија), симптом за кој треба да се праша секој пациент кој спонтано нема да го спомене. Во некои случаи, заболувањето може да се припише на емоционален стрес кој се случил пред 3 месеци, но има и случаи каде дамата не сака да открие што бил стресот, или се работи за хронична и непоправлива ситуација. Обично тоа е добростоечка жена без знаци на анорекција или нутритивен дефицит, а опаѓањето на косата се повторува од време на време.
ТЕ после треска
Се појавува 2-6 седмици по висока температура, меѓу 39° и 39.5° и трае околу 6 седмици. Опаѓањето на косата е големо, но пациентот никогаш не ја губи целата коса.
Клиничка слика
Може да биде акутна или хронична, ако трае подолго од 6 месеци.
Еден облик на акутно опаѓање на косата е т.н. сезонско опаѓање на косата. Понекогаш UV зрачењето во лето може да предизвика предвремена телоптоза подоцна, на есен.
Колку е честа болката во коса, т.н. триходинија?
Преваленцата на болка во косата изнесува околу 20% и се појавува на места каде што всушност опаѓа косата, што може да се смета како прогностички знак за тежината на заболувањето и фактот дека ако ја има ТЕ ќе потрае барем уште 3 месеци. Болката може да варира од поинтензивен јадеж до слична на боцкање.
Како да се третира ТЕ?
Првото нешто кое треба да се направи е да се процени колку точно опаѓа косата. Доволен е т.н. “тест за кубење”, но само ако пациентот не си ја измил косата пред тоа. Ако пациентот не ја измил косата неколку дена, тестот за кубење не треба да даде повеќе од 300 влакна.
Вториот метод е трихоскопија, која може да се направи на предниот дел од скалпот, на задниот дел или на страничниот дел над ушите.
Третманот зависи од причината за ТЕ и видот на ТЕ. Битно е да се потенцира дека кога пациентот се јавил на преглед, настанот причинител веќе се има случено пред 3 месеци, но сепак треба да се одреди и отстрани причината, доколку е можно. Ако не е можно, се препорачува пена со клобетазол. Пациентите вообичаено одбиваат креми со кортикостероиди, затоа што ја мрсат косата и е тешко да се дозираат. Системските кортикостероиди не се советуваат затоа што терапијата би траела долго, а несаканите ефекти од овие лекови ја надминуваат евентуалната полза. Миноксидил не е во состојба да го сихронизира животниот циклус за раст на влакната, па затоа и не се советува негова примена.
