Дозволете да Ве потсетиме дека расте бројот на граѓаните кои развиваат симптоми на алергија, односно кивавица, суво кашлање, чешање или прекумерно солзење на очите.
Поленската грозница е еден од најчестите видови алергија. Виновници се полените произведени од дрвјата, тревите и цвеќињата, кои со помош на ветрот лесно се пренесуваат низ воздухот. Исто така, најголем дел од надворешните мувли се неактивни во зимскиот период, но со доаѓањето на пролетта, исто така започнуваат да растат на дрвата кои овенале за време на зимата.
Највисоки нивоа на полен има во периодот од 10 до 16 часот, особено во ветровити, топли и суви денови. Полените најбрзо се шират во градовите со развиена индустрија и недоволен проток на воздух. Алергиите најмногу ги погодуваат болните со астма, кај кои најчесто има и компликации.
Атопија се однесува на индивидуална склоност кон произведување прекумерно количество на алерген-специфични имуноглобулини Е, IgE. Тоа е најчестата форма на алергија.
Инхалаторните алергени се наоѓаат во воздухот и навлегуваат во телото преку слузокожата на дишните патишта, предизвикувајќи зголемени концентрации на IgE. Симптомите вообичаено настапуваат за кратко време по контакт со алергенот. Ова се нарекува непосредна реакција и засега повеќе од 15% од населението во индустријализираните градови. Вообичаените реакции од инхалаторни алергени се ринит (воспаление на слузокожата од носот), конјунктивит (воспаление на слузокожата од окото) и алергиска астма. Дополнително, истовремената изложеност на инхалаторни алергени и респираторни вирусни инфекции го зголемува ризикот за влошување на астмата.
Кај 5 до 45% од пациентите со егзем (атописки дерматит), алерго тестовите на инхалаторни алергени се позитивни. Нивото на IgE антителата против инхалаторни алергени е поврзано со тежината на егземот. Повеќе од половина деца со егзем развиваат поленска алергија и/или астма после 13-тата година. Освен преку алерго тест, дијагнозата се поставува и преку квантитативно мерење на IgE за специфични инхалаторни алергени.
Слична е ситуацијата и со нутритивните алергии, каде 20% од децата со егземи развиваат интолерација на одредена храна. Ова се нарекува атописка тријада: егземи, алергии и склоност кон астма. Состојбата вообичаено започнува со егзем (атописки дерматит), по што следуваат алергиите на храна, за развојот да заврши со алергиски ринит (кивање, течење нос итн.) и астма. Понекогаш оваа состојба се нарекува и атописки марш. Атописки марш најпрвин се манифестира кај доенчето како атописки дерматитис (егзем) и алергија на храна, а подоцна како детето станува сензибилизирано на полени и животински првут развива алергиски ринитис и очни симптоми, а евентуално и астма.
Бидејќи атопискиот марш започнува со атописки дерматит, раниот третман на егземот може да помогне во спречувањето на последователните алергии и астма, веројатно така што спречува навлегување на алергените преку оштетената кожна бариера. Одржувањето влажност на кожата е од клучно значење за луѓето со егзем.