Како што се зголемува денот и растат надворешните температури, не само што поминуваме повеќе време на отворено, туку и подолго сме изложени на ризик од инсекти. Некои убоди се прилично безопасни, додека други можат да бидат прилично опасни. Како да знаете дали убодот е опасен?
Најчестите убоди од инсекти кај нас се од комарци, болви, крлежи, муви, крлежи, грини, пчели/оси/стршлени, пајаци и мравки. Вообичаено, кога ќе се случат овие убоди, тие се доволно мали за да заздрават сами без никакви непријатности. Ако сепак има непријатност, обичен топикален крем со хидрокортизон или друга стероидна маст обично може да ја смири болката. Понекогаш, убодите може да чешаат или да предизвикаат локална алергиска реакција, при што може да се земе орален антихистамин.
Комарци – познати по тоа што шират болести, на пр. вирусите денга, Западен Нил, Зика, жолта треска и паразитот маларија. Некои лица може да имаат сериозна алергиска реакција, со уртикарија, пликови, повраќање и потешкотии во дишењето. ВЕДНАШ јавете се на лекар, а исто така ако почувствувате и други симптоми, како што се треска, малаксаност и болки во телото, главоболка, како и кој било друг сомнителен знак за инфекција по каснувањето.
Каснатината од мравка, особено т.н. “огнени мравки”, не само што боли и пече, исто така и чеша, може да поцрвени, отече и да се наполни со гној. Најдоброто нешто кое може да го направите е да ја измиете областа околу каснатото со сапун и вода. Потоа, ставете студени облоги и менувајте ги на секои 10 минути. Обидете се со антихистаминици против отокот. Ако не сте алергични, сѐ ќе биде во ред за неколку часа, или во најлош случај неколку дена. Ако сте алергични, ќе почувствувате затворање на грлото поради оток на јазикот и забрзување на пулсот. ВЕДНАШ јавете се на лекар или одете на ургентно.
Мувите и тоа како знаат опасно да касаат. На пример, коњските муви имаат челуст која може да отвори и раскине кожа. Иако мувите не се отровни, некои луѓе може да имаат алергиска реакција на нивната плунка. Некои муви исто така пренесуваат и паразити, на пример кожната болест лајшманијаза, која може да предизвика сериозни лузни.
Крлежите се подеднакво “славни” како и комарците кога станува збор за пренесување болести, како што се лајмска болест, треската од Западен Нил, Rocky Mountain пегавата треска и туларемијата. Сите овие болести имаат слични симптоми, кои наликуваат на грип, а некои се проследени и со осип. Потребно е да се јавите на лекар ако имате симптоми слични на грип во рок од 3 седмици по почетокот на сезоната за крлежи.
Болвите касаат и луѓе. Ќе ги забележите каснатините како мали црвени точки, обично по 3 во група, на стапала и глуждовите. Многу е важно да не се чешаат. Кога болвата ќе касне таа испушта фекалии, а чешањето ќе ги пренесе бактериите подлабоко во кожата и ќе предизвика инфекција. Пероралните антихистаминици, локални масти и лосиони, може да помогнат за чешањето и алергијата. Никако не капете се со врела вода, која ќе го влоши чешањето. Во некои делови од светот, болвите може да го пренесуваат ханта вирусот.
Иако технички не касаат туку боцкаат, пчелите може да предизвикаат реакции кои варираат од лесна болка до смртоносна алергија, така што е многу важно да ги препознаете знаците и симптомите. Веднаш измијте ја областа околу каснатото со сапун и вода, а потоа отстранете го осилото со стерилна газа. Ставете студена облога, а потоа и антисептик. Ако знаете дека сте алергични или за прв пат Ви се појават симптоми на алергија, како што се потешкотии во дишењето и оток на јазикот, ВЕДНАШ јавете се на лекар.
Во одредени случаи, дури и помал убод може да стане посериозен, особено ако лицето било боцнато повеќе пати. Штом ќе се почувствува тешко дишење, воспалено грло, отечени црти на лицето, болка во градите или забрзано чукање на срцето, вртоглавица, повраќање, главоболки или осип ВЕДНАШ јавете се на лекар. Ова се знаци дека убодот од инсект се претворил во нешто поопасно. Посетата на лекар е од клучно значење ако поединецот доживее убод од инсект и последователно се чувствува неприродно уморен, има главоболки, болки во телото или осип.
За најдобро да избегнете убоди од инсекти, може да помогне покривањето на отворената кожа за време на активности на отворено. Останувањето подалеку од местата со многу инсекти или користењето средство против инсекти може да помогне со количината на инсекти на кои поединецот е изложен. Храната е исто така водечка причина зошто инсектите ги напаѓаат луѓето. Чувајте ја храната подалеку од областите со инсекти. Ако е задолжително јадењето на отворено, не заборавајте да ја покриете целата храна. Најпосле, користете заштитни мрежи на прозорците и вратите за да уживате во потоплото време и да ги спречите досадните инсекти.